Сите семејства заедно
Сите семејства на светот заслужуваат пристоен и достапен дом, беше пораката испратена од партнерските семејства, гостите и останатите поддржувачи на Хабитат Македонија, за време на Хабитат денот - сите семејства заедно, посебен настан одржан на 18-ти јуни на Скопскиот саем.
Внатрешноста на куќата беше влажна. Во текот на зимските периоди, моите деца беа болни. Газевме по земја, немавме под. Прозорците беа дотраени, немаше никаква изолација на ѕидовите. Со овој заем нашата куќа конечно стана пристојно место за живеење – рече гостиварецот Таџедин Сулаи, член на партнер семејството Сулаи кое на 18 јуни доби признание за најефективно искористен заем од програмата Фонд за подобар дом.
Семејството Сулаи е ромско семејство кое живее на периферијата на Гостивар. Таџедин со своето семејство и семејствата на своите браќа, вкупно 17 члена, живеат под еден покрив.
Овој настан, кој Хабитат Македонија го организираше за прв пат, овозможи партнер семејствата за момент да заборават на секојдневните грижи, и низ забава и дружење да се натпреваруваат и да освојат симболични награди.
- Планираме ваков настан да организираме секоја година, да го зголемиме бројот на учесници со зголемување на бројот на партнер семејства на Хабитат Македонија. Секако со цел да формираме една заедница која континуирано ќе ја потсетува јавноста дека секое семејство заслужува пристоен, удобен и топол дом – најави Дарко Булдиоски од Хабитат Македонија.