Доделена наградата Energy Globe на Хабитат Македонија
Австриската фондација Energy Globe му оддаде меѓународно признание на десетгодишниот ангажман на Хабитат Македонија во секторот на енергетска ефикасност, со доделување на награда за национални достигања. Наградениот проект: Енергетски ефикасни домови за семејства со ниски приходи, иницијално е започнат од Хабитат Македонија во 2009 година.
На свеченост на која присуствуваше вице-премиерот Кочо Анѓушев и австриска бизнис делегација која се наоѓа во посета на Македонија, наградата ја врачи трговското аташе на Амбасадата на Австрија Марлен Бургсталер. Во своето обраќање таа потенцираше дека наградата ја предава во име на фондацијата Energy Globe и на нивниот партнер – Австриската трговска комора.
Примајќи ја наградата, национален директор на Хабитат Македонија Зоран Костов посочи дека главните достигања на наградениот проект вклучуваат енергетски ефикасни реконструкции на повеќе од 60 колективни станбени згради во Македонија, со преку 1900 станови, при што се постигнати вкупни годишни енергетски заштеди од 7910 MWh и годишни редукции на емисиите на јаглероден диоксид од 3670 тони. Ова за македонскиот станбен фонд претставува голем инвестициски потенцијал кој се проценува на повеќе од 500 милиони евра.
Главна цел на Фондацијата Energy Globe, во соработка со Програмата за животна средина на Обединетите Нации (UNEP), е да укаже дека во нашиот свет постојат многу креативни луѓе кои имаат спроведено проекти со решенија за многу проблеми, всушност проекти кои го помагаат опстанокот на нашата планета. За наградата оваа година се поднесени преку 2000 предлози од преку 180 земји. Националните победници се избрани по пат селекција спроведена од експерти на Комитетот за евалуација на Energy Globe.