Партнерства за енергетска ефикасност
|
Нов меморандум за продолжување на соработката со општина Центар
Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски и директорот на Хабитат Македонија Зоран Костов
Хабитат Македонија и скопската општина Центар ќе ја продолжат успешната соработка откако новиот градоначалник Андреј Жерновски потврди дека општината и во иднина ќе финансира поставување фасади со термичка изолација на постоечки колективни станбени згради, во насока на максимална заштеда на топлинска енергија. Според веќе воспоставениот модел, станарите од зградите ќе можат да подигнат непрофитен кредит од Хабитат Македонија за промена на прозорските и балконските врати, а истовремено ќе можат да добијат и правна и логистичка поддршка на процесот на усогласување за конкретните интервенции на фасадите кои според Законот за домување се сметаат за заеднички делови на станбените згради. Во потврда на ова, директорот на Хабитат Македонија Зоран Костов и Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски потпишаа нов меморандум за соработка.
Во оваа прилика градоначалникот Жерновски нагласи дека со проектот нема да се менува постоечкиот надворешен изглед на станбените згради и најави дека оние што не добиле поддршка во првата фаза ќе бидат земени во предвид при реализација на наредните етапи од проектот. Во соработка со Хабитат Македонија, локалните власти во Центар изминатата година спроведоа реконструкција на фасадите на 11 колективни станбени згради.
На тековниот јавен повик од локалната власт се пријавиле 32 колективни станбени згради, кои обезбедиле согласност за промена на прозорците и балконските врати на најмалку 70% од сопствениците. Во првата фаза од проектот ќе се реконструира надворешниот изглед на 15 станбени згради, при што локалната самоуправа ќе издвои 11 милиони денари од својот буџет. По завршувањето на санацијата, се проценува дека граѓаните ќе заштедат околу една третина на сметките за греење.
|
|