Сторија
|
Дома е светло, топло, секој си има свое катче – среќни сме
Во населбата во Велес во новоизградените згради изградени со поддршка од Хабитат Македонија и бројните тимови на волонтери, веќе две години живее младото семејство Босилкови. Во пресрет на Велигден нѐ пречекаа во својот дом и осумгодишната Емилија и тригодишната Ива. „Пресреќни сме овде, убаво ни е. Пред да се доселиме во овој стан живеевме во заедница – седум луѓе во една соба. Баравме опции за да можеме да се преселиме кога второто дете веќе ни беше на пат. Поддршката на Хабитат ни дојде во вистинско време, градевме заедно со волонтерите и нашите пријатели и еве веќе две години живееме овде. Децата имаат свое катче за играње спиење, топло е, светло, имаме убав видик, а мене ни е блиску до работа и градинката е во близина.“ – раскажува Андријана, која со љубов ги следи сите чекори на малите девојчиња. Носител на заемот и станот е таткото Стеван кој велат дека целосно е посветен на обезбедување на сигурен и топол дом на своето семејство, што и не е толку едноставно за осамостојување на младо семејство. На Емилија, која оди во второ одделение омилен предмет и е англискиот јазик, а на малата табла во форма на срце имаше напишано EASTER и со нетрпение очекува да ги бојадиса Велигденските јајца.
Семејството Босилкови е едно од четириесетте семејства од Велес, жители на петте згради на кои Хабитат Македонија им пружи поддршка да го изградат својот дом заедно со бројните волонтери. Во тек е изградба на шестата зграда во Велес, им благодариме на сите донатори и волонтери кои овозможија тополи и среќни празници за овие семејства. Честит Велигден!
|
|