Habitat for Humanity International
– Проект за реагирање при хуманитарни катастрофи
Рики Мартин во посета на Порт-о-Пренс
Фото: Steffan Hacker/Habitat for Humanity International
Земјотресот од 7.0 степени што го погоди Хаити на 12 јануари 2010 година допринесе кон веќе постоечката хуманитарна криза и сиромашните услови со кои се справува над 80% од населнието во Хаити. Станува збор за држава која постојано е подложна на природни катастрофи, како минатогодишните урагани кои што уништија повеќе од 50.000 домови.
Во моментов нема точни податоци за колкава всушност штета претрпела областа околу главниот град Порт-о-Пренс која беше најсилно погодена од земјотресот, но Обединетите Нации сметаат дека околу 3 милиони жители имаат потреба од храна, вода, привремено засолниште и медицинска помош.
Тим од Habitat for Humanity International одговорен за итна помош при хуманитарни катастрофи е веќе во Хаити и работи на расчистување на рушевините и подготовки за градење на приврмени засолништа. На 19 Јануари, Директорот на Habitat for Humanity Џонатан Рекфорд му се придружи на нашиот тим за итна помош за да помогне во оценувањето на ситуацијата и планирањето на следните чекори. Со него беше и поп ѕвездата Рики Мартин, кој преку својата фондација ја помага програмата за Реагирање при катастрофи на Habitat for Humanity и кој беше еден од клучните партнери во работата на нашата организација по азиското цунами во 2004 година.
Habitat for Humanity има добро развиен пристап при природни катасттрофи од голем размер. Помошта се одвива во две фази, со тоа што најпрво се работи на расчистување на рушевините и зачувување на се она што може да се искористи за градење и распределба на пакети со градежни материјали, а потоа се работи на градење на преодни домови.
Во првата фаза се регрутира погоденото локално населние, кое работи на расчистување на рушевините и зачувавуње на употребливите материјали, а при тоа добива паричен надомест што е клучно за семејства кои изгубиле се и треба одново да почнат да градат живот. Надоместот семејствата го користат за покривање на основните трошоци за храна и вода, а собраните материјали, заедно со материјалите донирани преку Habitat for Humanity потоа се користат за изградба на преодните домови. Предноста на преодните домови е во тоа што се градат на начин кој остава простор за понатамошно проширување и доградба, што се смета за поиздржлив модел на помош од оној кој вклучува привремени засолништа и шатори.
Како дел од мрежата Habitat for Humanity, Хабитат – Македонија се заложи да помогне во собирањето на средства потребни за да им се помогне на семејствата од Хаити кои го преживеаа земјотресот, но изгубија се што поседувале. Како држава во чие колективно минато е врежан земјотресот од 1963 година и солидарноста која ни ја покажа светот кога нашиот главен град, слично како и Порт-о-Пранс, беше срамнет со земја, сметаме дека треба да направиме се што е во рамки на нашите можности за да му помогнеме на народот на Хаити.