Предадена во употреба шестата станбена зграда во Велес
Тоа беше ден за паметење за Хабитат Македонија, неговите гости од Централна и Источна Европа, високите владини и општински претставници, како и партнерските семејства на Хабитат Македонија.
По завршувањето на 5 згради со 36 станови во изминатите години, на 26 јануари 2023 година беше предадена во употреба шестата станбена зграда во Велес, со 12 стана. Зградите кои се наоѓаат една до друга се дел од традиционалната програма на Habitat for Humanity која обезбедува нови домови за семејства со ниски приходи.
Домаќини на настанот беа Драган Малиновски, претседател на Управниот одбор на Хабитат Македонија и Зоран Костов, национален директор на Хабитат Македонија. Во името на општина Велес на присутните добредојде им посака Марко Колев, градоначалник на Велес, додека Рик Хатавеј, потпретседател на HFH за Европа и Блискиот Исток, ја сподели својата благодарност до сите оние кои помогнаа овие станови да се завршат во годините на глобалната пандемија. Во своето обраќање, Фатмир Битиќи, вицепремиер во Владата на Република С. Македонија, ја истакна важноста на ваквите проекти и им честиташе на новите сопственици.
По симболичното поставување на куќниот број, партнерските семејства на Хабитат Македонија ги добија клучевите од своите нови домови. Збор на благодарност од името на сите партнерски семејства имаше Сашко Трајковски со неговото семејство.
Дополнителни пет станбени згради во Велес се планирани за изградба во текот на наредните години. Покрај традиционалната програма за нови домови, програмското портфолио на Хабитат Македонија вклучува микро-кредитирање, управување со станбени згради, урбанизација, мобилизација на волонтери, развој на заедниците, подигање на свеста и застапување.