Претставници на Хабитат Македонија на средба со претседателот на Собранието
Висока делегација на Хабитат Македонија доби посебна можност на 21 мај 2019 година, на претседателот на Собранието Талат Џафери да му ги презентира своите ангажмани и иницијативи во областа на застапувањето за унапредување на домувањето.
Посетата на Собранието беше организирана од собраниската група за поддршка на домувањето, предводена од Диме Велковски, пратеник во Собранието и еден од основачите на Хабитат Македонија. Делегацијата ја предводеше претседателот на Управниот одбор Драган Малиновски, a во неа беа и почесниот член на Управниот одбор Џон Финерти, како и националниот директор Зоран Костов.
На средбата беше потенцирано дека тековните ангажмани на Хабитат Македонија во областа на застапувањето вклучуваат изработка на Закон за социјално домување, како и измени и дополнувања на Законот за домување, при што за двата закони Министерството за труд и социјална политика и Министерството за транспорт и врски веќе именуваа претставници на Хабитат Македонија во експертските тимови. Специфични подзаконски акти на Законот за енергетска ефикасност, кој тековно се подготвува во Министерството за економија, исто така беа најавени како значајни за успешно спроведување на програмите на Хабитат Македонија.
Претседателот на Собранието им честиташе на претставниците на Хабитат Македонија за нивната работа и вети целосна поддршка кога законите и нивните измени и дополнувања ќе влезат во собраниска процедура.