Благодарност и поддршка за Хабитат Македонија
Првата посета на Хабитат Македонија за Рик Хатавеј, потпретседателот на Habitat for Humanity International за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка, беше и можност за средба со Претседателот на Републиката Стево Пендаровски.
На средбата, на која присуствуваа и претседателката на Собранието на Хабитат Македонија Тетјана Лазаревска, како и националниот директор Зоран Костов, претседателот Пендаровски беше информиран за активностите и проектите на Habitat for Humanity чија што стратегиска цел е намалување на сиромашното домување, пред се преку изградба на нови или реконструкција на постојни домови за специфични целни групи.
Притоа беше нагласено дека организацијата, која како глобална мрежа е активна во повеќе од 70 земји, е ангажирана и на решавање на глобални прашања со кои се соочува човештвото, од правото на домување, преку намалувањето на сиромаштијата и социјалната исклученост, до справување со климатските промени. Соговорниците се согласија дека за истото се потребни системски промени кои се возможни преку поинтензивна соработка меѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор.
Претседателот Пендаровски изрази благодарност за досегашниот ангажман и искажа поддршка за тековните и најавените проекти на Хабитат Македонија, посебно на оние кои имаат за цел унапредување на регулаторната рамка и нејзино хармонизирање со глобалните иницијативи и развојни цели.