Признание
|
Високо признание на општина Велес за Хабитат Македонија
За постигнати резултати од значење за Општина Велес и нејзината афирмација во земјата и светот, особено во областа на промовирање хумани вредности и развој на волонтерството, Хабитат Македонија го доби највисокото признание на општина Велес, плакетата 9-ти Ноември. Признанието беше доделено од градоначалникот на Велес Аце Коцевски, на свечена академија која се одржа на 9 ноември 2018 година.
Предлогот за признанието беше поднесен од голем број партнер семејства вклучени во Програмата за новоградби во Велес, а поддржан од десетина деловни партнери кои заедно со Хабитат Македонија учествуваат во изградбата на новите станови за семејства со ниски приходи. Предлогот го нагласува унапредувањето на условите за домување, придонесот во ангажирањето на стопанските капацитети во Велес, меѓународната афирмација на градот Велес, како и промоцијата на вредностите како партнерство, солидарност и посветеност.
Во образложението на предлогот е укажано дека во изминатите 10 години се изградени 5 згради со вкупно 36 стана, а во тек е изградба на шеста зграда со нови 12 стана. Градежната вредност на досегашната инвестиција во населбата надминува 1,5 милиони долари. Во образложението е исто така посочено дека при изградбата на становите, заклучно со септември 2018 година учествувале 1544 меѓународни волонтери од повеќе од 30 земји во светот, организирани во 109 волонтерски тимови. Тие оствариле повеќе од 10.000 ноќевања во Велес и реализирале повеќе од 60.000 волонтерски часови.
|
|