Регистарот на станбени згради промовиран како веб апликација
Нова веб апликација на Хабитат Македонија беше презентирана пред стручната јавност, централната и локалните власти од целата земја на 15 февруари 2022 година.
Националниот Регистар на станбени згради и станови е повеќегодишен проект, имплементиран од Хабитат Македонија, откако македонските општини не успеаја да ја исполнат нивната законска обврска самите да изработат вакви регистри. Регистарот содржи до 98 параметри за секоја повеќесемејна станбена зграда, во 33 општини, каде истиот е комплетиран. Заклучно со февруари 2022 година, со овој Регистар се опфатени повеќе од 4.500 згради, кои содржат повеќе од 120.000 станови. Параметрите за станбените згради за кои Хабитат собира податоци вклучуваат: геометрија на станбените згради, година на изградба, вид на користени градежни материјали, состојба на разни системи во зградите, начин на управување, итн.
Во склоп на проектот REELIH, развиена е методологија за проценка на енергетските барања за греење на станбените згради, користејќи ги податоците од Регистарот. Спроведувањето на оваа анализа за енергетските карактеристики на зградите е во тек, а во моментов завршена е анализата за 4 општини. Со оваа анализа, дополнително се проширува регистарот со 115 параметри по станбена зграда, вклучувајќи ги: годишните енергетски барања во постојна состојба, можните енергетски и финансиски заштеди при примена на повеќе мерки за енергетска ефикасност кај обвивката на зградите, висината на инвестицијата за секоја мерка, можните намалувања на емисии на штетни гасови, исплатливоста на секоја поединечна мерка, итн
Сите овие податоци можат да бидат од голема корист за станарите, како и за повеќе заинтересирани страни, како од јавниот, така и од приватниот сектор.
Со развојот на Регистарот, како и неговото проширување со анализата на енергетските карактеристики на зградите, се појави потреба за олеснување на пристапот кон сите достапни информации. За оваа цел, во склоп на проектот REELIH, функционалноста на овој регистар е надградена преку изработка на веб апликација. Со оваа веб апликација, секако е во голема мера олеснето манипулирањето со сите достапни информации во базата на податоци, нивното пребарување и ажурирање и подобрена е нивната видливост за сите заинтересирани страни.