Клучна дебата за Законот за домување
Повеќемесечната работа на Комисијата за измени и дополнувања на Законот за домување, со голема вклученост и поддршка од Хабитат Македонија, доби посебна вредност со дебатата организирана на 7 декември 2022 г.
Откако Хабитат Македонија иницираше унапредување на партиципативноста и транспарентноста на процесот на ревидирање на законот, дебатата овозможи вклучување на чинители, засегнати и заинтересирани страни кои досега немаа прилика да се произнесат. Покрај постоечките претставници на надлежното министерство, Регулаторната комисија за домување и групацијата на управители при Стопанската комора на С. Македонија, во дебатата се вклучија претставници на локалните самоуправи, како и сопственици на посебните делови на станбените згради кои се претставени преку нивните заедници на сопственици, или преку овластени сопственици кои ги застапуваат во комуникацијата со лиценцираните фирми за вршење управувачки услуги.
Во оваа смисла, укажувањето на Хабитат Македонија дека треба да се демонстрира посветеноста на актуелната Влада на решавање на проблемите на граѓаните кои живеат во повеќестанбени згради, го прифати ресорниот министер Благој Бочварски кој заедно со претседателот на УО на Хабитат Македонија Драган Малиновски ја отвори дебатата. Последователно се вклучија и повеќе актуелни или поранешни градоначалници со големо искуство, како и повеќе општински инспектори за домување кои изнесоа релевантни примери од практиката околу кои се отвори широка дискусија.
Со аргументацијата и примерите кои беа изнесени се потврди потребата од конечна финализација на процесот и брзо донесување на повеќе измени и дополнувања кои ќе обезбедат конзистентност на законските решенија и негова поефикасна примена. Според најавите на министерот, новините во законот треба да се очекуваат до крајот на првата половина на 2023 г.