Деведесет домови за семејства со ниски примања
Хабитат Македонија започна со изградба на првата Хабитат населба за семејства со ниски приходи во земјата. На површина од 4.700 квадратни метри, во населбата Тунел 2 во Велес, во следните три години ќе бидат изградени 11 објекти со вкупно 90 дома. Во првата година е планирано да се изградат 24 станови во кои партнер семејствата на Хабитат Македонија ќе можат да се вселат пред да заврши целосната изградба на населбата. Просечната површина на еден дом изнесува 52 квадратни метри, а целокупната инвестиција за изградба на оваа населба ќе чини 2,7 милиони долари.
На ставањето на камен-темелникот на населбата присуствуваа членови на Одборот на директори на глобалната мрежа Habitat for Humanity International, кои во истиот период имаа годишен состанок кој се одржуваше во Скопје.
„Наша мисија е секое дете во светот да има покрив над главата. Ова е почеток на голем проект во Македонија, бидејќи досега работевме на реновирање домови и финансирање на приклучоци на водоводна и канализациска мрежа. Со Хабитат населбата обезбедуваме дом за повеќе семејства кои имаат потреба од пристојни услови за живеење “, изјави Џонатан Рекфорд, извршен директор на Habitat for Humanity International.
Целна група за која се наменети домовите се млади брачни двојки во работен однос, но со ниски приходи. Овие семејства треба да живеат во субстандардни услови и да имаат приход не поголем од 75 проценти од просечниот приход по жител во Македонија. За нив ќе биде обезбеден поволен кредит кој ќе треба да го отплаќаат во наредните 20 години.
„Условите за добивање дом се многу прифатливи бидејќи цената ќе биде далеку под пазарната. Поволен е и заемот за отплата, бидејќи ќе биде на 20 години, со поволна каматна стапка“, вели Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија.
Костов објасни дека Хабитат Македонија го одбра Велес поради поддршката од локалната и централната власт за добивање на земјиштето и изготвувањето на урбанистичките планови, и најави дека во иднина е можна изградба на Хабитат населби и во други градови во Македонија.
Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, на поставувањето на камел темелникот искажа голема благодарност до Хабитат Македонија затоа што својата прва населба во Македонија ќе ја гради токму во Велес.
„Хабитат населбата ќе донесе радост за 90 семејства, кои имаат потреба од пристоен дом за живеење. Тоа е голема работа за нив, но и за градот и за државата“, рече градоначалникот на Велес.
Во изминатите четири години Хабитат Македонија преку своите програми Фонд за подобар дом и Фонд за домување на Роми и маргинализирани им помогна на повеќе од 300 семејства со ниски приходи, обезбедувајќи достапни заеми за реновирање на субстандарни домови.