Хабитат – Македонија и партнер семејствата ги потпишаа пред-договорите за вклучување во програмата за нови домови.
Пред-договорите за вклучување во програмата за нови домови го трасираат патот за вселување на семејствата во Хабитат населбата во Велес.
Хабитат – Македонија и нејзините партнер семејства вчера, 28 април во 13:00 часот во Велес ги потпишаа пред-договорите за вклучување во програмата за нови домови во Хабитат населбата во овој град. На церемонијата присуствуваа управниот одбор на организацијата, заменик-претседателот на канцеларијата на Хабитат за Европа и Централна Азија, Дон Хашчин, амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Филип Рикер со својата сопруга Солвејг, претставници на локални и меѓународни организации кои работат во Македонија, тим од волонтери од САД, како и градоначалникот на Велес, Горан Петров.
По настанот, партнер семејствата, тимот од волонтери како и амбасадорот на САД и неговата сопруга помогнаа во изградбата на зградите во духот на волонтерството кој е неделив аспект од моделот на Хабитат за изградба на безбедни, пристојни и достапни домови.
Моментално, во Хабитат населбата во Велес привршува изградбата на четири згради. Заедно зградите ќе можат да вдомат 24 семејства во станови од 50 до 75м2. Во изградбата на становите помогнаа партнер семејствата на Хабитат – Македонија, како и над 500 волонтери од САД, Канада, Европа и Македонија. Изградбата на зградите е поддржана од поединци, здруженија и компании од Северна Америка, Европа и Македонија.
Хабитат – Македонија е невладина и непрофитна организација посветена на обезбедување едноставни, пристојни и достапни решенија за живеалишта на оние што живеат во услови на сиромаштија, без разлика на нивниот пол, етничка и религиозна припадност. Преку своите програми Хабитат – Македонија има услужено повеќе од 1300 семејства во државата во последните пет години.
|