Брифинг за климатските промени и енергетската ефикасност
На 24 јуни 2021 година, на градилиштето на Хабитат Македонија во Велес се одржа брифинг на повеќе високо позиционирани чинители околу идната соработка поврзана со климатските промени и енергетската ефикасност на станбениот сектор. На состанокот учествуваа Рик Хатавеј, потпретседател на Habitat for Humanity за Европа, Блискиот Исток и Африка, Фатмир Битиќи, заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Ирена Стефоска, министер за култура на Република Северна Македонија, Ерик Јановски, претставник на УСАИД во Северна Македонија, Аце Коцевски, градоначалник на Велес и Зоран Костов, национален директор на Хабитат Македонија.
Позицијата на Habitat for Humanity International за домувањето и климатските промени беше посочена како еден од повеќето неодамна објавени документи кои препорачуваат подигање на прашањата за климатските промени и енергетската ефикасност на станбените објекти повисоко на агендата на централната и локалните власти. Беа споменати и неопходните подобрувања на регулаторната рамка и создавањето финансиски стимулации, програми и фондови со цел да се олесни инвестирањето во енергетската ефикасност, како и улогата на граѓанскиот сектор и социјално мотивираните инвеститори во справувањето со енергетската сиромаштија и потребите на ранливите групи.
По дискусијата учесниците имаа можност да дадат свој симболичен придонес кон намалувањето на влијанието на станбените новоградби врз животната средина. Волонтирањето на градилиштето вклучуваше поставување на термоизолациони панели, проектирани да ја подобрат енергетската ефикасност на шестата станбена зграда на Хабитат Македонија во Велес, каде тековно се градат 12 станбени единици.