Одбележување на Светскиот ден на домувањето
Организацијата на Обединетите нации, со резолуција на Генералното собрание започнала да го одбележува Светскиот ден на домувањето во 1985 година. Секој прв понеделник во месецот октомври е ден кога се одбележува значењето на живеалиштето, како основа за развој и просперитет.
Секоја година, Светскиот ден на домувањето има нова тема, со што се нагласува значењето на одреден проблем или област за квалитетот на животот на луѓето. Се смета дека 1,6 милијарди луѓе денес живеат во супстандардни услови, а секој четврти жител на планетата Земја живее во услови кои го загрозуваат неговото здравје, безбедност, можности и просперитет. Достојното домување овозможува економски просперитет, подобро образование, здравствена состојба, сигурност и безбедност на секој поединец и семејство. Така според дефиницијата на УН Хабитат (Организација за домување на Обединетите нации) за адекватното домување се вели дека тоа не значи само кров над глава, туку и приватност, соодветен простор, физичка достапност безбедност, стабилност на конструкцијата и трајност на објектот, осветлување, греење, вентилација, основна инфраструктура, здравје, пристап до работа и друго.
Оваа година темата за Светскиот ден на домувањето е Управување со цврст отпад во општините. Управувањето со цврстиот отпад е голем проблем кој од локално, се пренесува на национално, па и на светско ниво. Според податоците на УН Хабитат, во 2010 година секој човек во просек произведувал по 0,8 кг цврст отпад. Како резултат на зголемена консумпција и неефективни стратегии за управување, се смета дека до 2025 година создавањето на цврст отпад ќе биде трипати поголем и се очекува дека човештвото ќе продуцира 5,9 милијарди тони отпад секоја година.
Хабитат Македонија преку своите програми, од 2005 година интензивно работи на унапредување на домувањето на семејствата со ниски приходи. Преку активности за микрофинансирање на поправки во домовите, изградба на нови домови, застапување за правата на домување и секако преку мерки за енергетска ефикасност во индивидуалните и колективните станбени објекти, Хабитат Македонија ја остварува својата мисија за обезбедување едноставно, достапно и пристојно живеалиште и здрава животна средина.