Винербергер и Хабитат Македонија заедно во Велес
Општината која е веќе домаќин на неколку програми и проекти на Хабитат Македонија прифати уште една иницијатива, овојпат од корпоративниот гигант Винернергер.
Повеќегодишната соработката меѓу Хабитат фор Хјуманити и Винербергер продолжува откако во декември 2020 година Хабитат Македонија му се придружи на најголемиот светски производител на цигли и лидер на пазарот на керамиди во Европа, со цел да се помогне реконструкцијата на основното училиште во Башино село, општина Велес.
На настанот со кој се одбележа донацијата на градежниот материјал присуствуваше градоначалникот на Велес Аце Коцевски, претставникот на Винербергер Владимир Златковски, како и претставниците на Хабитат Македонија Зоран Костов и Лилјана Алчева. Донираните керамиди се произведени во капацитетот Тондах во Виница. Покрај нов покрив, планирани се повеќе други интервенции во училиштето.
Во текот на настанот беше обелоденето дека слична донација ќе добијат и неколку други објекти во Велес, вклучувајќи ја зградата каде работи дневниот центар за поддршка на лица со церебрална парализа. Вкупната вредност на донираните материјали со тековната иницијатива треба да достигне 35.000 евра.
Винербергер е добро познат по својот модел на корпоративна општествена одговорност со кој дел од профитот се враќа на заедницата. Групацијата има 201 производен капацитет во 30 земји во светот.