Донесени очекуваните измени на Законот за домување

Донесени очекуваните измени на Законот за домување

По повеќегодишна интензивна вклученост на Хабитат Македонија во процесот на унапредување на релевантната законската регулатива, Собранието на Република С. Македонија во јули 2025 година ги донесе очекуваните измени и дополнувања на Законот за домување. Со тоа е исполнета една од стратешките цели на организацијата, инаку клучна претпоставка за воспоставување поефикасни инструменти за справување со предизвиците во станбениот сектор, особено во повеќе-семејните (колективни) станбени згради.

Донесен во својот основна облик во 2009 година, Законот за домување е единствен и незаменлив акт со кој се уредуваат видовите на објекти во домувањето, управувањето со станбените згради, односите меѓу сопствениците на посебните делови, начинот на управување и одржување на објектите, правата и обврските на државните институции и повеќе други прашања од областа на домувањето.

Првата инцијатива на Хабитат Македонија за измени и дополнувања на законот датира од 2013 година. Од 2018 година постариот менаџмент на организацијата е формално вклучен во експертските тимови кои работеа на новите законски решенија, а во 2022 година Хабитат Македонија дополнително се вклучи и со техничка помош и поддршка на процесот за донесување на законските измени. Во целиот овој период беше одржувана високо професионална релација со надлежното Министерство за транспорт, без оглед на идеолошката ориентација на повеќе различни политички опции кои ја водеа земјата во овој период.