Partners

Волонтерство

Меѓународни волонтери, а особено тимовите на Global Village од целиот свет, ги пречекува програмата „New Builds“ на Хабитат Македонија и нејзиниот проект во Велес, 50 km јужно од главниот град Скопје.

Програмата „New Builds Veles“ започна во 2008 година, откако Владата на Република Македонија обезбеди градежна парцела под поволни услови, а Општина Велес го одобри деталниот урбанистички план усогласен со програмските цели на Хабитат Македонија. Според планот, на парцела од 6.470 m2 беше предвидена изградба на 11 станбени згради со вкупно 102 станови. Планот предвидуваше целото маало да се изгради со помош на волонтерски тимови од целиот свет, кои работат рамо до рамо со идните сопственици. Како и кај многу други традиционални програми на Хабитат, целната група во овој проект се семејства со ниски приходи, млади парови со деца и млади парови што живеат во субстандардни услови.

Првата фаза заврши во 2012 година, со изградба на четири згради, секоја со по 6 станови. Трикатните згради опфаќаат станови со површина од 49 m2 до 79 m2. Втората фаза на истиот проект започна во 2013 година со изградба на петта зграда лоцирана во непосредна близина на постојните. Новата зграда беше поголема, но слична на зградите од претходната фаза. Има 12 станови со просечна површина од 60 m2. Изградбата на оваа зграда беше завршена во јуни 2017 година. Третата фаза на истиот проект всушност започна веднаш по завршувањето на претходната. Повторно, е предвидена трикатна зграда со 12 станови.

Проектот „New Builds“ во Велес користи конструктивен систем од армиран бетон, тула и малтер, при што професионалци се ангажираат за работите што бараат тешка механизација. Типичните задолженија на волонтерите вклучуваат склопување на арматура, монтажа и демонтажа на оплати, чистење на оплати, подготовка на бетон, бетонирање на оплати, бетонирање на „ферт“ греди, склопување на „монта–ферт“ таванска конструкција, подготовка на носачи, подготовка на лепило, ѕидарски работи, израмнување/обложување на ѕидови со лепило, поставување армирана мрежа и фино израмнување, молерисување, како и помош при монтажа на електроинсталации, водовод и канализација. Повремено, работите опфаќаат транспорт на градежни материјали, ископи и уредување на околината.