Хабитат Македонија: 20 години посветеност на заедницата
Дваесетгодишнината од основањето и работата на Хабитат Македонија беше повод што обедини многубројни домашни и меѓународни поддржувачи, имплементирачки партнери, семејства корисници, како и поранешни и сегашни вработени и соработници - да се потсетат на почетоците на организацијата, да споделат приказни, да изразат благодарност, да волонтираат и да погледнат кон иднината.
Јубилејните настани започнаа со прием за странските гости на Хабитат Македонија, организиран на 8 октомври 2025 година од Претседателката на Републиката, Гордана Силјановска Давкова, по што на 10 октомври 2025 година следеше прием организиран од Претседателот на Собранието на Република С. Македонија, Африм Гаши.
Главниот настан, на кој присуствуваа повеќе од 200 гости, вклучи презентација на работата и постигнувањата на Хабитат Македонија во изминатите 20 години, која ја водеа Драган Малиновски, претседател на Управниот одбор, и Зоран Костов, извршен директор. Меѓу говорниците кои се обратија на присутните и упатија честитки беа Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини; Екин Огутогулари, потпретседател на Habitat for Humanity International за Европа и Блискиот Исток; Џон Џозеф Финерти III, почесен член на Управниот одбор на Хабитат Македонија; и Зоран Димитровски, заменик министер за надворешни работи и надворешна трговија, воедно долгогодишен волонтер на Хабитат Македонија. Џонатан Рекфорд, главниот извршен директор на Habitat for Humanity International, исто така упати честитки преку видео-порака.
Во рамките на истиот настан, јубилејни плакети на Хабитат Македонија беа доделени на неколку истакнати поддржувачи, меѓу кои афилијацијата Habitat for Humanity of Citrus County, Флорида, САД, претставена од извршниот директор Џастин Лич; Џон Финерти, поранешен извршен директор на афилијацијата Habitat for Humanity of East and Central Pasco, Флорида, САД; Аце Коцевски, поранешен градоначалник на Велес во три мандати; и Луција Поповска, како дел од иницијаторите за основање на Хабитат Македонија.
Одбележувањето на годишнината продолжи со поставување спомен-плоча посветена на Џорџ Русо, неодамна починат извршен директор на Habitat for Humanity of Citrus County, по што следеше волонтерски ден на градилиштето на седмата станбена зграда на Хабитат во Велес, наменета за семејства со ниски приходи. Тоа беше ден за паметење, бидејќи меѓу волонтерите беа претседателот на македонското Собрание, гостите од Соединетите Американски Држави и Европа, како и членови на Управниот одбор и раководниот тим на Хабитат Македонија.
Сите овие настани претставуваа и одлична можност да се разговара за идните планови, вклучително и за неодамна усвоените Стратешки приоритети 2025–2027 на Habitat for Humanity International и Стратешкиот план на Хабитат Македонија за периодот 2026–2028, кој тековно е во подготовка. Бројот и профилот на учесниците – меѓу кои многумина се клучни чинители во овие процеси – дополнително ја зајакнаа нивната кредибилност.