Време за вештачка интелигенција во домувањето

Време за вештачка интелигенција во домувањето

Со финансиска поддршка од Global Mission Fund на HFHI, Хабитат Македонија прави уште еден иновативен исчекор – интеграција на вештачка интелигенција во услуги базирани на податоците содржани во националниот регистар на станбени згради и станови. Иницијативата е усогласена со новата глобална стратегија на HFHI, особено со стратешкиот приоритет: Трансформирање на системите за домување и оперативниот фокус: Инвестирање во истражување за зголемување на влијанието преку податоци и докази. Истовремено, иницијативата ги поддржува националните и европските климатски цели.

Новиот проект преставува квантитативно и квалитативно проширување на регистарот на македонските станбени згради и има за цел да го збогати со нови атрибути, да го прошири опфатот со нови општини и да воведе динамичен, интерактивен модел кој треба да им овозможи на креаторите на политики и локалните власти да дизајнираат ефективни стратегии за домување, а деловниот сектор, фирмите-управители и граѓаните да преземат чекори кон оптимални и одржливи инвестиции во унапредување на квалитетот и функционалноста на станбениот фонд во земјата.

Вештачката интелигенција и автономните технологии претставуваат експоненцијално растечки двигател на општествениот развој, генерирајќи нови знаења и овозможувајќи автоматизирано и адаптивно создавање нова вредност. Нивната ефикасност се темели на користење обемни и разнородни податоци како основа за учење и ефикасна трансформација на информациите во интелигентни одлуки.

Регистарот на станбени згради и станови на национално ниво е потфат на Хабитат Македонија започнат во 2015 година и повеќе години функционира како дигитална платформа што вклучува технички, социо-економски и енергетски податоци со тековен опфат од 5.100 згради со 154.000 станови во 37 општини. Надградениот регистар ќе служи како репликабилен, одржлив модел за подобрување на квалитетот на домувањето во Македонија, со потенцијал за комплементарност со паметните дигиталните алатки на концептот One-Stop-Shop, што е независен проект на Хабитат Македонија, поддржан од програмата LIFE на Европската Унија.