Интензивна волонтерска сезона во Велес
Завршувањето на 7-та станбена зграда со 16 станови за семејства со ниски приходи во Велес во текот на 2026 година привлече рекордно голем број меѓународни волонтери од традиционалната Хабитат програма Global Village.
По паузата предизвикана од пандемијата и обновувањето на акредитација во 2025 година, за градилиштето во Велес е регистриран интерес за волонтирање над сите очекувања. Во последните 10 месеци, а особено во периодот март-август оваа година, беа ангажирани 8 тимови со 120 меѓународни волонтери. До крајот на 2026 година, односно во септември, октомври и ноември ќе бидат дочекани уште 6 тимови со 108 меѓународни волонтери.
Како и во изминатите години предничат волонтерските тимови од САД, меѓу кои 3 тимови организирани од непрофитната компанија за финансиски услуги Thrivent. До крајот на годината се очекува волонтерски тим од Канада, како и волонтерски тим организиран од YPO, глобална лидерска заедница на извршни директори.
Од започнувањето на Програмата за новоградби на Хабитат Македонија до почетокот на 2026 година, на градилиштето во Велес се имаат ангажирано 122 тимови со 1727 меѓународни волонтери. Безмалку 20 години тие промовираат култура на волонтирање која ги вклучува и семејствата кои ќе живеат во новоизградените домови, продолжувајќи ја на тој начин традицијата која Habitat for Humanity International ја негува 50 години.