Експертска консултација за развој на пазарот во секторот домување, со фокус на енергетската ефикасност
Тркалезна маса – експертска консултација на тема: РАЗВОЈ НА ПАЗАРОТ ВО СЕКТОРОТ ДОМУВАЊЕ: ФОКУС НА ЕНЕРГЕТСКАТА ЕФИКАСНОСТ
Тервилигер центарот за иновации во домувањето од Атланта, САД и здружението Хабитат Македонија одржаа тркалезна маса – експертска консултација на тема: РАЗВОЈ НА ПАЗАРОТ ВО СЕКТОРОТ ДОМУВАЊЕ: ФОКУС НА ЕНЕРГЕТСКАТА ЕФИКАСНОСТ.
На консултацијата, која се одржа на 11 декември 2017 година во Скопје, се обрати министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, а учество земаа повеќе пратеници од Собранието на Република Македонија, како и триесетина претставници на бизнис секторот и релевантни чинители од областа на енергетската ефикасност.
Тркалезната маса е дел од комплексен проект кој вклучува проценка на големината на пазарот и потенцијалот за инвестирање во енергетска ефикасност на колективните станбени згради во Македонија, преку систематска анализа на станбениот фонд, комбинирана со проценки за трошоците за енергетска реконструкција и обнова, како и долгорочните ефекти на ваквите зафати.
„Прелиминарните проценки покажуваат дека македонскиот станбен сектор во згради со колективно домување има потреба од инвестиции вредни најмалку 300 милиони евра и дека ова вложување може да се исплати во период од 5-8 години, преку заштеда на 30-50% од потрошувачката на енергија за греење и ладење, што претставува 60-70% од вкупната потрошувачка на енергија во домаќинствата во Македонија. Дополнително, намалената потрошувачка на енергија од домаќинствата значајно ја намалува емисијата на CO2 и други загадувачи на воздухот, што е долгогодишен проблем во македонските градови“ – изјави Зоран Костов, директор на Хабитат Македонија.
Идентификувањето на потенцијалите на пазарот во секторот домување, особено на пазарот на енергетски ефикасни интервенции на станбените згради, вклучува и анализа на регулативата, односно законските, организациските и финансиските предуслови. Експертската консултација ќе ги идентификува пречките и ќе даде насоки за започнување инвестициски циклус кој ќе го искористи севкупниот потенцијал на пазарот на резиденцијална енергетска ефикасност во Македонија.